По осум години без организиран новогодишен дочек, неготинци годинава имаат забавна програма за 31-ви декември, како во тек на ден, така и во ноќните часови, кога сограѓаните заедно на плоштад ќе можат да ја дочекаат Новата година.
Фолк пејачката Татијана Стефановска ќе настапи вечерта со своите колеги Влатко и Златко Миладиноски, а за ВИКИМЕДИА вели дека ова е нејзин прв новогодишен настап на отворено, на плоштад, бидејќи во минатото најчесто настапувала во угостителски локали во земјава и во странство.
Сепак, многу се изненадила кога слушнала дека градот цели осум години паузирал од заедничкиот дочек на плоштад, и верувала дека со своите колеги ќе успеат да им ја вратат навиката на граѓаните, собрани сите заедно, да зачекорат во Новата година.
-Оваа година, за разлика од останатите, ќе настапам на плоштад, во град, во кој со години немало дочек. Осум години, во Неготино немало никаква програма за дочекот на Новата година!
Причините за тоа, најдобро ги знаат неготинчани, но кога човек од страна го гледа тоа, никако не е во ред… Но, сето тоа градоначалничката на Неготино, Марија Нацева, гледам дека се обидува да го промени и да ја врати довербата на луѓето, и да ги потсети своите сограѓани дека за време на празниците најубаво може да си поминете и во родниот град, опкружени со познати лица.
Затоа, јас и моите колеги Влатко Миладиноски, Златко и неговиот оркестар, ќе се потрудиме да ви приредиме убава забава, која се надевам, ќе биде поттик за понатамошни вакви, организирани забави од јавен карактер. Ве очекуваме во што поголем број, да се забавуваме и да ја дочекаме Новата 2026 година заедно, вели Татијана.
Инаку, во минатото, до пред осум години, во градот редовно настапуваа познати поп и фолк музичари. Последниот организиран дочек на плоштад се случи во 2016 година, кога на чело на градот беше Ванчо Апостолов, и тогаш граѓаните ги забавуваше Антигона Бенд.

Наредната, 2017 година, на чело на градот дојде Тони Делков. Тој соопшти дека општината била задолжена околу три и пол милиони евра, па таа година немаше никаква организирана забава за граѓаните на 31-ви декември.
Праксата продолжи и во наредните години, и за новогодишната ноќ владееше штама во центарот на градот. Неготници пак, кои сакаа да прослават на плоштад, најчесто одеа во соседно Кавадарци, каде секоја година настапуваат локални музичари.
Годинава, покрај ноќната програма, во 12.00 часот започнува дневната забава со маскоти за најмладите, а во 12.30 ќе настапи трап музичарот Пајак.
Вики Клинчарова

