За само неколку минути пред очи ми исчезна се што сум создавал целиот живот, за ВИКИМЕДИА раскажува неготинецот Бранко Атанасов (66) чија куќа изгоре во голем пожар кој се случи на 16-ти декември во утринските часови.
Среде зима, овој човек кој живеел сосема сам, остана на улица, во неизвесност дали некогаш пак ќе има свој кров над глава. Како што вели, моментално бил сместен кај пријатели, но тоа било само привремено решение.
-Престојувам кај мои пријатели, но тоа секако дека не е трајно решение. Од општината ми ветија помош при сместување, најверојатно привремено ќе бидам згрижен во пензионерска гарсониера, но и за тоа имало процедура.
Требало да се поминат некакви административни работи и документации, а последната информација која ја имам е дека тоа нема да се заврши пред да поминат празниците.
Сакам да апелирам до надлежните служби во градот, бидејќи останав и без лична карта и останати документи, доколку може да се убрза процедурата, ако може барем личната карта да ми биде издадена што е можно побргу, затоа што ми е неопходна при потполнување на документи околу сместувањето, замолува Атанасов.
За утрото, кога се случи пожарот, раскажува дека бил дома. Вели дека првин слушнал како нешто испукало, а потоа се се случувало доста бргу.
-Според првичните информации кои ги имам, причината за настанувањето на пожарот е дотраена инсталација, најверојатно испука некој кабел. Жал ми е што јас, цели десет години од животот бев социјален случај, останав без работа, па морав да се снаоѓам како знам и умеам, поработував нешто хонорарно, но не успеав да ја променам инсталацијата. И ете, се случи тоа што се случи, останат сум без ништо, значи се што имав, од покуќнина, облека, буквално се изгоре. Само доле, подрумот е во подобра состојба, ако може така да кажам, бидејќи е ѕидан од камен.
Благодарен сум што во пресрет ми излегоа хумани граѓани, кои ми понудија помош, да се соберат средства за да имам бар некаков кров над глава, но колку што сум информиран, досега се собрани само околу 200 евра, вели Бранко.
Појаснува дека сака со помош на донации да може да направи барем една соба и купатило, за кои вели дека би му биле доволни за живот.
-Никој да не го доживее ова кое ми се случи мене! Уште еднаш замолувам ако може да ми се убрза издавањето на личната карта, и јавно искажувам благодарност на сите сограѓани коина било каков начин помогнаа во овие тешки моменти за мене, во надеж дека ќе успеам со помош на солидарност да изградам барем една мала соба во која ќе можам да се вратам, порача неготинецот.
За негова помош веќе е отворена донаторска сметка на платформата Е-Крауд на следниот линк:
https://ecrowd.mk/projects/1da441d1-679a-49c9-b3f5-4daa41f5cc57?fbclid=IwY2xjawO6GpZleHRuA2FlbQIxMABicmlkETF2Yk9MZTZMYk5CcWlTWUZzc3J0YwZhcHBfaWQQMjIyMDM5MTc4ODIwMDg5MgABHn9A03mj59mO0TXP68rRud0HbmqemMQkdghZJe9tfYGE7_A5GjUe3Mdpxb6n_aem_x2emojZhTADr1M-P9Q7ZUw
Исто така, тој повикува да се донира и на неговата трансакциска сметка: Бранко Атанасов 210 501610406756, со назнака донација.
Вики Клинчарова

