Еден од реализираните проекти во 2025 година беше отворањето на регионалниот стационар за бездомни животни – Шепа, лоциран во кавадаречката населба Глишиќ. Центарот започна со работа во мај минатата година, а функционира по принципот залови – третирај – пушти, и е наменет за бездомни животни од девет општини.
Неодамна, дел од тимот на ВИКИМЕДИА ненајавено замина во посета на Шепа. Наидовме на голема површина, средени боксови и уредено дворно место, како и на десетици кучиња кои престојуваа таму.
Не дочекаа неколкумина од вработените, а откако им се претставивме и прашавме дали може да направиме видео – прилог, тие по телефонска консултација со директорката (бидејќи пристигнавме во доцните попладневни часови, по завршување на работното време на администрацијата), веднаш ни кажаа дека е во ред, затоа што установата е отворена за јавност.
Сликите на кои наидовме во боксовите, за оние кои имаат емпатија за секое живо суштество, предизвикуваат грутка во грло. Иако се нахранети и чувани во одлични хигиенски услови, животните веднаш штом не забележаа, со квичење, мафтање со опаш и очи полни надеж, како да молеа за внимание и топол дом.
По обиколката поразговаравме со неколкумина од вработените, жени од Кавадарци кои секојдневно се грижат за кучињата и за условите во кои тие престојуваат.
-Жални се овие слики на бездомни кучиња, велат. Мора уште многу да се работи на подигање на јавната свест околу проблемот со оставање на миленици на улица, а кога започна со работа стационарот, помина подолго време додека на дел од јавноста и појасниме како функционира установата.
Многумина мислеле дека автоматски со отворање на центарот, ќе ги снема и кучињата од улиците, но всушност овде се работи на заловување на улични кучиња, нивно вакцинирање, стерилизација, третман, а потоа пак ги враќаме назад, на местото од каде биле заловени. Исто така, ги огласуваме и за вдомување. Со самото тоа се воспоставува систем на контрола на популацијата на бездомни кучиња, согласно закон, велат вработените.
Појаснуваат дека проблемот во најголема мера лежи во неодговорното сопствеништво, бидејќи премногу често се случува миленикот, откако ќе му здосади на семејството, да биде исфрлен на улица. Светла точка гледаат во случаите кога кучиња од стационарот биле вдомени, и секогаш кога некој ќе дојдел кај нив и ќе си заминел со кученце во раце, искрено се радувале.
Раскажаа и за случка од времето кога штотуку започнале со работа, и се уште учеле, се едуцирале за прописите и законите во врска со работата на Шепа.
-Кога доаѓавме на работа со колешки, првите денови кога се отвори стационарот, покрај патот наидовме на четири мали кученца. Беа беспомошни, некој ги оставил, и знаевме дека ако не ги земеме, мали се шансите да преживеат. Одлучивме да ги однесеме во центарот, да се грижиме за нив додека да потпорасат, и да се обидеме да ги вдомиме. Но, бидејќи штотуку започнавме со работа, не знаевме дека постои правило во Шепа да се згрижуваат само кучиња повозрасни од шест месеци. Тоа значеше дека кученцата не ќе можеа да останат во стационарот.
Многу се загриживме, размислувавме што да направиме, и на крај на денот, по завршувањето на работното време, ние, четири вработени овде, решивме секоја од нас да си однесе дома по едно кученце.
Така и направивме, и до денес не се покајавме! Кученцата веќе пораснаа, си ги чуваме во нашите домови, ни донесоа искрена љубов и радост и станаа дел од нашите семејства, раскажуваат.
Велат дека со секојдневна работа со кучињата, се учи многу за овие животни кои даваат безусловна љубов, и кои заслужуваат топол дом. Долгорочното решение лежи во системска едукација, контрола и соработка меѓу институциите и граѓаните.
Упатуваат апел до граѓаните да покажат хуманост и одговорност преку вдомување или привремено згрижување на бездомни кучиња.
-Секое вдомување значи спасен живот, порачуваат, додавајќи дека станува збор за мирни, вакцинирани и кученца подготвени за нов дом.
Пораката на вработените во стационарот, кои се луѓе со голема хуманост и одговорност, е дека вдомувањето не е само спас за кучето, туку и придобивка за човекот.
Од Шепа заминавме со помешани чувства. Чувство дека општеството потфрла кога се во прашање бездомните кучиња, кои остануваат како неми сведоци на човечкиот пропуст и незаинтересираност, но и чувство дека сепак постојат поединци кои со личен пример носат светлина во животот на овие животни, чија природна улога секогаш била поврзана со човечките заедници – како чувари, помагачи и верни придружници.
Тоа што институцијата во своите редови има токму такви вработени, е позитивна придобивка не само за самата институција, туку и за животните, чија секојдневна борба за преживување на улица воопшто не е лесна, а вниманието добиено во центарот за нив значи многу.
Вики Клинчарова

