Онлајн петицијата која пред две недели ја започна еко движењето ,,За почиста Македонија”, а со која се бара надградување на системот Сејф Сити, со цел да се казнуваат и оние кои од автомобил фрлаат ѓубре, наиде на поделени реакции помеѓу граѓаните.
Досега ја потпишале помалку од 900 лица, но затоа пак многубројни се коментарите на социјалните мрежи, во кои граѓани сметаат дека фрлањето на отпад од прозорецот на автомобилот, не е нешто поради кое треба да бидат ,,удрени” по џеб.
Како изговори најчесто се спомнува лошата инфраструктура и патиштата со дупки, а често е и прашањето: Зарем се друго во земјава е средено, па сега и за ѓубрето од кола да плаќаме?
И додека граѓаните меѓусебно си реплицираат зошто треба, односно не треба да се казнува за оваа лоша навика, од еко движењето појаснуваат дека фрлањето отпад од автомобили создава слика на неуредност и примитивно однесување, од одредени отпадоци се загадуваат почвата и водата, а фрлањето на отпушоци претставува реален ризик за предизвикување пожар.
Исто така, појаснуваат дека системот може да се надгради со алгоритам за детекција на фрлање предмети од возило, а според истражувањата, воведувањето на казни го менува однесувањето на граѓаните.
В.К.
Previous ArticleЈАС СУМ УНИВЕРЗИТЕТСКИ ПРОФЕСОР И ЛОГИЧНО Е ДЕКА ОБРАЗОВАНИЕТО ЌЕ БИДЕ ВРВЕН ПРИОРИТЕТ, КАЖА МИЦКОСКИ
Next Article ТЕШКО ПОВРЕДЕН РАБОТНИК ВО ФАБРИКА ВО КАВАДАРЦИ

