На 108 години почина највозрасната битолчанка, Рејчел Нахмијас, Еврејка родена во 1917 година, која животот ја натерал да го напушти родното место на свои 26 години.
Таа се спасила од депортацијата во нацистичките концентрациони логори во 1943 така што била сокриена во багажникот од автомобилот на албанскиот конзул во Битола, кој што живеел во куќата на нејзиното семејство.
Конзулот дознал дека нацистите ќе ги земаат работоспособните жени и мажи, и ја сокрил во багажникот од својот автомобил и на тој начин ѝ го спасил живот.
Другите членови од нејзиното семејство завршиле во Треблинка, а преживеал само нејзиниот брат Жак, кој тргнал да се школува во Италија и бил вклучен во отпорот на партизаните.
Рејчел ја поминала војната во Албанија, а потоа во 1950 година, на 33-годишна возраст заминала во Америка.
Внуката на Рејчел, пејачката Сара Ароести, во неколку наврати за медиумите раскажуваше за инспирацијата за творење која ја добила токму од корените, од Битола, и од приказните на предците кои во минатото живееле на Широк Сокак.
Токму Сара ја објави веста за смртта на Рејчел, на која пред неколку години и ја посвети песната „Монастир“, опишувајќи ја како личност која и била инспирација, и која покрај се што и се случило во животот, останала позитивна.
Деск
КОЈА БЕШЕ РЕЈЧЕЛ, НАЈСТАРАТА БИТОЛЧАНКА КОЈА ПОЧИНА НА 108 ГОДИНИ ВО САД: ЈА СКРИЛЕ ВО БАГАЖНИК И ЈА СПАСИЛЕ ОД ЛОГОР!
1 Min Read

