Од 01.01.2026 година, секое семејство во општина Гази Баба кое ќе има новородено дете ќе добие финансиска поддршка од 8.000 денари, соопшти градоначалникот Бобан Стефковски.
Како што појаснува, во 2022 година, кога станал градоначалник на Општина Гази Баба, за прв пат била воведена мерката за финансиска помош од 5.000 денари за секое новороденче. Во изборната кампања за последните локални избори ветил дека оваа поддршка ќе ја зголемат на 6.000 денари, затоа што верувал дека секое семејство заслужува повеќе.
Но, како што вели, со внимателни анализи, одговорно и домаќинско управување со буџетските средства, успеале да направат уште еден чекор напред и ја зголемиле помошта на 8.000 денари.
-Ова не е само бројка. Ова е порака. Порака дека општината стои зад младите брачни парови, зад мајките и татковците, зад секое ново дете кое се раѓа во Гази Баба.
Со ваквите мерки директно придонесуваме за зголемување на наталитетот, охрабрувајќи ги семејствата да се одлучат на најубавиот чекор – да донесат нов живот на светот. Повеќе дечиња значи повеќе смеа во градинките, повеќе ученици во училиштата и посилна, пожива општина.
Инвестицијата во децата е инвестиција во иднината. Затоа продолжуваме со политики кои носат реална и директна помош, затоа што знаеме дека секој денар значи поддршка, сигурност и олеснување за семејниот буџет, соопшти Стефковски.
Деск
СО ОВИЕ МЕРКИ ДИРЕКТНО ПРИДОНЕСУВАМЕ ЗА ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА НАТАЛИТЕТОТ, ВЕЛИ СТЕФКОВСКИ ЗА ФИНАНСИСКАТА ПОДДРШКА ОД 8.000 ДЕНАРИ ЗА НОВОРОДЕНЧЕ
2 Mins Read

