Во Клубот на пратениците почна лидерската средба што ја иницира премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. На средбата од коалициските партнери во Владата присуствуваат генералниот секретар на ЗНАМ и министер за јавна администрација Горан Минчев, како и градоначалникот на Тетово, Биљал Касами, од коалицијата ВЛЕН. Од опозициските пратенички групи се присутни лидерите на Левица и на ДУИ, Димитар Апасиев и Али Ахмети.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, не дојде на средбата, а како што претходно кажа, го одбива повикот за лидерска средба за укинување на техничката влада, обвинувајќи дека Мицкоски бара алиби за распишување предвремени избори.
-Средба со криминалци нема да има. Нема средба за техничката влада. Мицкоски е во тесно, му се брза и бара алиби за распишување на предвремени избори. Ова што се случува е сценарио коешто е смислено уште лани, кое јас и СДСМ го разоткривме и јавно го говоревме повеќе од два месеци. Предвремени избори, па мигранти за пари. Нема пари во буџетот, власта се брза да превеземе мигранти, да земе кредит 6 милијарди евра плус 20 000 фунти по мигрант, како што пренесоа британските медиуми, кажа Филипче на прес минатата недела.
Како што е најавено, на лидерската средба ќе се разговара за реформските закони од правосудството, за изборот на народен правобранител, за Изборниот законик и за укинување на техничката влада, но и за други прашања на предлог на учесниците на средбата.
Деск
ЗАПОЧНА ЛИДЕРСКАТА СРЕДБА, ФИЛИПЧЕ НЕ ДОЈДЕ, ОТИ НЕ ОДЕЛ НА СРЕДБИ СО КРИМИНАЛЦИ
2 Mins Read

