Во фоајето на Министерството за животна средина и просторно планирање е отворена патувачката изложба на фотографии од најпретставителните единки на балканскиот рис, регистрирани со фото-замки во Северна Македонија, Албанија и Косово – трите држави во кои сè уште опстојува ова критично загрозено диво животно.
Изложбата се реализира во рамки на Програмата за закрепнување на балканскиот рис, како дел од МЕД програмата.
Во таа насока, нашата држава презема сериозни и конкретни чекори за заштита на балканскиот рис преку изработка на Регионална стратегија за негова заштита, која веќе е доставена до Конвенцијата за миграторни видови (CMS), информираат од министерството.
Паралелно со тоа, се зајакнуваат и националните капацитети, особено во рамки на националните паркови. Неодамнешната регистрација на младенче рис во Националниот парк Шар Планина, забележано со помош на фото-замки, претставува позитивен индикатор за подобрување и обезбедување поволна состојба на зачуваност на видот.
Преку вакви настани, со кои се гради јавната свест за значењето на дивите животни, Министерството за животна средина и просторно планирање вложува напори за градење одржлива иднина, во која природата и човекот коегзистираат во хармонија. Со особено задоволство ги претставуваме фотографиите од балканскиот рис – вид кој претставува наше национално природно богатство. Изложбата е дел од пошироките напори за зачувување на екосистемите и заштита на биодиверзитетот низ целата држава.

Балканскиот рис ја сочинува најмалата и најзагрозената автохтона суппопулација на евроазискиот рис. Во периодот од 1935–1940 година популацијата била сериозно погодена од ефектот на „тесно грло“, а се проценува дека тогашната бројка изнесувала 15–20 единки. По Втората светска војна популацијата почнала да се опоравува, и тоа особено во Косово и Македонија.
Во шеесеттите и седумдесеттите години видот одново се појавил во Црна Гора. Се проценува дека во 1974 година популацијата броела 280 единки рис. Според мислењето на експертите од земјите на распространување на видот, во 2000 година се процени дека популацијата се движи помеѓу 80 и 105 единки.
Последните три интензивни истражувања со помош на фотозамки спроведени во јадровото подрачје (НП „Маврово“ во Македонија) во 2013, 2015 и 2018 година (истражувано подрачје од приближно 400 km2), упатуваат на густина на популацијата помеѓу 1,57 и 2,02 единки на 100 km2.
Големината на популацијата се пресмета преку површината на населеност (АОО) (3507 km2) помножено со средната густина на популацијата, поделено со 100. Резултатот е 32 возрасни единки рис, објавено е во Националната црвена листа на Македонија.
Главни и најсериозни закани за популацијата на балканскиот рис се: малата популација, ограничениот плен, уништувањето на живеалиштата и криволовот. Со самото тоа што популацијата се проценува на 32 зрели единки, постои огромна закана за истребување на балканскиот рис.
Деск

