Рафтовите на кои до крајот на минатата година се продаваа цигари и други тутунски производи во Фришопот помеѓу граничните премини Богородица и Евзони, стојат празни и повеќе нема да се носат цигари за продажба. Ако одите во Фришопот, единствено ќе можете да купите парфеми, козметика, облека и обувки од познати брендови, како и разни видови на деликатеси.
-Грција од први јануари ја запре продажбата на цигари и тутун во фри-шопот на граничниот премин Евзони, а властите објаснија дека цигарите и тутунот нема да бидат вратени во понудата бидејќи цените речиси се изедначиле со цените во Грција, се последните информации кои доаѓаат од грчките медиуми.
Инаку, Фришопот беше доста популарна дестинација за голем број на граѓани, не само од Македонија, туку и од Србија и други земји, кои на секое поминување се снабдуваа со поевтини цигари.
Најпопуларни беа цигарите Оме, Паркер и Симпсон и Гламур, кои се продаваа по околу 13,5 евра за штека, односно промотивно две штеки можеа да се купат за 24 до 26 евра. Првично, пред два месеца, први видови на цигари кои беа повлечени од рафтовите беа токму овие, кои беа и најбарани од нашите граѓани.
Деск

