Во декември 2024 година министрите за култура Зоран Љутков и за дигитална трансформација Стефан Андоновски објавија дека Македонската радио телевизија (МРТВ) во копродукција со некоја од регионалниите ТВ-куќи ќе снима игран филм, ТВ-серија и документарен филм за починатата поп ѕвезда Тоше Проески, проект кој македонската Влада ќе го поддржи со 95 милиони денари (околу 1,5 милиони евра). Тогаш за проектот беше кажано дека ќе се снима во наредните две години.
Веста наиде на одобрување и поддршка од јавноста, која повеќе од една година е во исчекување на повеќе детали за проектот. Кој актер ќе го игра Тоше, дали ќе биде опфатен целиот негов живот или само годините минати на сцената, кои ќе бидат останатите актери, каде ќе се снима… беа актуелни прашања на кои јавноста сакаше да ги дознае одговорите. Најголемиот дел од прашањата се однесуваа на играниот филм, па дури и на социјалните мрежи се предлагаа актери кои би можеле најдобро го доловат ликот на Проески.
Дури во октомври, минатата година, во врска со проектот јавно се огласи Пеце Талески од ОХО Продукција.
За ВИКИМЕДИА тој раскажа дека проектот на Македонската радио телевизија поветен на легендарниот Тоше Проески започнал со реализација.
-Сега сме во рана фаза на развој на проектот, истражување за потребите на сценариото, како и екипирање на тимот кој ќе работи, сценаристи и режисери.
Кон крајот на јануари ќе имаме подетални информации кои ќе бидат достапни за јавноста, ни изјави Талески.
Славен Ристески пак, кој е сопруг на сестрата на Тоше, ни изјави дека семејството ќе било консултирано за сите детали и одлуки за проектот.
Проески беше, и до денес, по 18 години од неговата смрт, остана сакан и почитуван од народот, а секоја вест за проекти поврзани со неговото име предизвикува голем интерес. Јавноста се надева дека проектот ќе биде реализиран, како еден вид на признание за делото и мисијата на Тоше.
В.К.
ПОВЕЌЕ ОД ЕДНА ГОДИНА ЈАВНОСТА ЧЕКА ДЕТАЛИ ЗА НАЈАВЕНОТО СНИМАЊЕ НА ФИЛМОТ ЗА ТОШЕ ПРОЕСКИ
2 Mins Read

