Откако Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство го објави јавниот конкурс за избор на институција која ќе направи пресметка на трошоците за производство на килограм винско грозје за 2026 година, каде е истакнато дека пресметката треба да биде доставена најдоцна до 15-ти јули 2026 година, лозари од Тиквешијата бурно реагираат.
Како што појаснуваат за ВИКИМЕДИА, објавување на цената на грозјето треба да се прави уште во февруари, пред да се почне со работа, а не дури на крај на јули или евентуално во август, кога речиси целата работа им е завршена, а средствата вложени.
-Истата грешка се повторува! Цена за грозје се одредува пред да треба да се инвестира во лозјето, а не откако веќе ќе го изработиме. Треба да знаеме дали воопшто ќе имаме заработка, па да одлучиме и дали воопшто ќе го работиме лозјето оваа година.
Вака, откако веќе ќе вложиме средства, на крај по која цена и да ни кажат дека ќе го откупат грозјето, ние сме ставени пред свршен чин, ќе мора по таа цена и да го предадеме, оти инаку ќе скапува на лозјата, велат лозарите.
Појаснуваат дека со работа, односно со трошоци започнуваат уште сега, од февруари, кога првиот чекор е кроењето. Неретко, пред да се започне со кроење, за кое кројачите наплатуваат околу 1.500 денари од декар, се врши и ѓубрење, кое е од 1.500 до 2.000 денари од декар.
Со самото тоа, во зависност од површината на лозјето, лозарите потенцираат дека веќе им се содзадени големи трошоци, а потоа следуваат и останатите, како што се заштитно прскање, врзување, лачење, наводнување, берба…
-Ако во втора половина на месец јули или пак дури и подоцна нам ни се одреди цената, ние веќе сме инвестирале во лозјата, како со парични средства, така и со работа, и немаме назад. И без оглед на тоа дали ќе сметаме дека одредената цена е коректна или не, што би можеле да направиме, освен да го дадеме грозјето по таа цена. Не ни останува избор дали ќе го работиме според цената која ќе се понуди, бидејќи таа се соопштува дури откако ќе ги направиме трошоците, кои воопшто не се за занемарување, појаснуваат лозари од Кавадарци и Неготино.
Додаваат дека ништо не им менува дали цената ќе се одреди во август или во септември пред берба, затоа што во секој случај за нив било веќе доцна.
-Една споредба да ви кажеме, за оние кои не се занимаваат со лозарство и на кои ова не им е баш јасно. Замислете дека одите кај шнајдер, порачувате да ви сошие едно убаво одело. Дури откако тој ќе ви земе мерки, ќе го искрои, па ќе го сошие, вие ќе му одредите цена по која ќе го купите веќе сошиеното одело. Ако му одговара цената на шнајдерот, во ред, ама ако не му одговара, што може да направи после целиот труд? Да го фрли ли во канта оделото во кое вложил време, работа, инвестирал во набавка на материјали? Ете, накратко, тоа е проблемот со одредувањето на цената на грозјето, непосредно пред берба, вели лозар од Неготино.
Додава дека повозрасните генерации веќе со децении наназад се свесни за ситуацијата со лозарството, но поради традиција дел од нив се уште се занимвалае со одгледување на винова лоза, ама помладите одамна кренале раце од лозјата.
-Уште во мај, неколку години наназад, Тивешијата се празни и младината заминува на работа во Хрватска. Не само што нема кој да работи на лозјата, туку и во угостителството се оставени без работна сила. Кога од сезонска работа во странство може да се заработат по 2.000 и повеќе евра месечно, зошто младите да останат овде, на лозјата, зар да работат за џепарлак, прашуваат лозарите.
Инаку, како што објави МЗШВ во јавниот конкурс, максималниот предвиден износ за извршување на услугата, односно за пресметка на трошоците за производство на килограм винско грозје на определена површина и соодветен квалитет за 2026 година, изнесува 120.000 денари.
Вики Клинчарова
ЦЕНАТА НА ГРОЗЈЕТО СЕ ОБЈАВУВА СЕГА, А НЕ ОТКАКО ЌЕ ГО ИЗРАБОТИМЕ И ЌЕ ВЛОЖИМЕ ПАРИ И ТРУД, РЕАГИРААТ ЛОЗАРИТЕ
4 Mins Read

