Неготинецот Бранко Атанасов (66), чија семејна куќа изгоре во голем пожар пред шест недели, ненадејно починал. Веста за неговата смрт ни ја потврди хуманитарецот Димитар Аврамов, кој соопшти дека донациите кои се собираа за Бранко да може да си го обнови уништениот дом, ќе бидат предадени на негови роднини.
-Веста за смртта на Бранко сите не затекна. За жал, тој не дочека да се всели во пензионерската гарсониера привремено, и како што планираше, потоа со помош на хуманиот народ да успее да си изгради дом.
Јас не сум во Македонија во моментот, но разговарав со негови пријатели, кои велат дека тој бил доста потиштен поради немилиот настан, едноставно го уби неизвесноста и целиот тој претрпен стрес. Чувствувам дека ние како општество потфрливме, тој беше оставен да се снаоѓа за престој кај пријатели, додека да се средат процедурите за примвремено сместување во пензионерска гарсониера, но ете, стресот си го направи своето, ни раскажа младиот хуманист, кој е познат по своите хуманитарни акции во општината.
Негови познаници пак, ни кажаа дека иако се трудел да не покаже, сепак многу тешко се носел со ситуацијата која го снајде, и во себе имал премногу грижи од неизвесноста.

-Тој беше пријателски настроен и ненаметлив човек, не сакаше никому да пречи со своите грижи. Иако се трудеше да биде смирен, на сите ни беше јасно дека минува низ стресна ситуација која силно го погоди. На тие години, да останеш без ништо, навистина не е сеедно, ни раскажаа.
ВИКИМЕДИА разговараше со Бранко, десеттина дена по пожарот во кој го изгуби домот. Скромниот човек кој живеел сам тогаш ни кажа дека останал без ништо, дури и без лични документи.
Апелираше преку нашиот медиум до надлежните служби во општината, да го забрзаат процесот на издавање на лични документи, бидејќи без лична карта не можел ниту да поднесе барање за привремено сместување во пензионерска гарсониера, ниту пак да провери сметка во банка.
-Останав без ништо за само неколку минути! Десет години од животот поминав како социјален случај, без работа, се снаоѓав како знам и умеам и не стигнав да инвестирам и да ја поправам дотраената инсталација, која најверојатно била причина за пожарот. Пријатели ми помогнаа да имам барем каде да преспивам, но тоа не е трајно решение. Само да добијам на користење пензионерска гарсониера, па потоа со помош на хуманите граѓани ако можам да соберам средства и да си изградам една соба и купатило, повеќе ништо не ми треба, ни раскажа Атанасов кон крајот на декември.
Тој тогаш јавно се заблагодари за солидарноста на своите сограѓани, со надеж дека во тешките моменти ќе му подадат рака, за да обезбеди барем еден скромен кров над глава.
В.К.

