Проектот со Универзитетот „Колумбија“, каде што се создавала голема база на мозочно ткиво со цел да се вршат испитувања за самоубиствата и шизофренијата, а Македонија била дел од истиот, и испраќала обдукциски примероци во САД, воопшто не бил таен.
Поранешниот директор Алексeј Дума бил носител на соработката помеѓу Државниот психијатриски институт на Њујорк (NYSPI) и Институтот за судска медицина во Скопје, заедно со професорот Горазд Росоклија — научник од областа на невропатологијата и невроимунологијата, кој од 1992 година предавал на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Колумбија“.
За ТВ Телма, Росоклија истакна дека секое земање примерок било врз основа на согласност од семејствата и одобрение од етичките тела во Македонија и САД.
Според Дума пак, проектот бил најголемиот меѓународен истражувачки ангажман во кој некогаш учествувала Македонија, а соработката започнала во 1996 година.
Целта била истражување на невропатологијата на шизофренијата.
Широката јавност во земјава дозна за испраќањето на примероци од мозочно ткиво од Македонија во САД пред неколку дена, кога американското Министерство за правда јавно објави документи поврзани со починатиот милијардер Џефри Епстин. Во електронска порака било наведено дека Македонија испраќала примероци на човечки мозоци за истражувања на самоубиства и шизофренија.
Веста предизвика бурни јавни реакции и сомнежи дали проектот бил легален, а доколку бил, зошто не бил обелоденет во јавност досега, штом бил најголем истражувачки ангажман на земјава, како и дали семејствата на починатите знаеле и давале согласност за испратените примероци. Исто така, јавно се поставува и прашањето дали носителите на проектот добивале директен финансиски надоместок за учеството во истиот.
Деск
ПРОЕКТОТ СО ИСПРАЌАЊЕ НА ЧОВЕЧКИ МОЗОЦИ ВО САД НЕ БИЛ ТАЕН И ЗАПОЧНАЛ ПРЕД 30 ГОДИНИ, АМА ЈАВНОСТА ДУРИ ДЕНОВИВЕ СЛУЧАЈНО ДОЗНА ЗА НЕГО
2 Mins Read

