Смртните закани, навредите и говорот на омраза кои корисици на социјалната мрежа Фејсбук ги упатија кон новинарот Александар Видиновски од ТВ Канал 5, завршија во Јавното обвинителство, од каде известија дека е оформен предмет по допрен глас за утврдување на идентитетот и кривичната одговорност кај повеќе лица.
Заканите и навредите кон новинарот започнаа откако тој објави видео прилог за непрописно паркирани дипломатски возила пред Амбасадата на Бугарија во Скопје.
Здружението на новинари на Македонија преку својот адвокатски тим му обезбеди правна помош на новинарот Александар Видиновски, и поднесе пријава до Министерството за внатрешни работи.
-Потсетуваме дека новинарот Видиновски известувал за проблем од јавен интерес – непрописно паркирање на јавна површина, за кое реагираа и граѓани, а за кое став изнесе и Министерството за внатрешни работи. Новинарите не смеат да бидат мета на закани, навреди и говор на омраза поради својата професионална работа.
ЗНМ изразува целосна поддршка и солидарност со колегата Александар Видиновски и апелира до институциите ваквите случаи на онлајн насилство и говор на омраза кон новинарите да не остануваат неказнети.
Здружението ќе продолжи внимателно да го следи случајот и да ги користи сите расположливи механизми за заштита на новинарите и медиумските работници, истакнаа од ЗНМ по повод случајот.
Посочуваат дека ваквите напади имаат за цел да извршат притисок и заплашување поради професионално известување за прашање од јавен интерес, а заканите и навредливите пораки претставуваат сериозно кршење на правото на слобода на изразување и директна закана по безбедноста на новинарот.
Деск

