Аматерскиот театар на Центарот за култура „Ацо Ѓорчев“ Неготино, за 2025 ја доби наградата 8-ми Ноември 2025, за остварени резултати во областа на културата.
Аматерскиот театар кој е важен дел од локалната културна сцена е проект на Центарот за култура, односно не е надворешен субјект, а се возобнови кон крајот на минатата година, на задоволство на публиката.
По долгогодишна пауза, лани повторно се собра екипа на ентузијасти од градот, и вредно работеа на претставата ,,Што виде батлерот”. Премиерата собра голем број на публика, а неготинци порачаа дека се желни за вакви настани и во иднина.
Сега, како што раскажува за ВИКИМЕДИА Горан Димов од Центарот, кој е и еден од иницијаторите за враќањето на аматерскиот театар на сцената, се отпочнало со проби на нова театарска претстава, „Женидба“ од Николај Василевич Гогољ.
-Претходната претстава „Што виде батлерот“ беше проект на НУЦК „Ацо Ѓорчев“ Неготино одобрен од Министерството за култура. Додека оваа претстава е самостоен проект на Центарот без поддршка од Министерството за култура.
Режисер на „Женидба“ е Ѓорѓи Ташулов кој исто така беше дел од претходната претстава, но има учествувано и во повеќе театарски претстави како аматерски глумец и режисер, вели Димов.
Деталите за тоа кога ќе можат граѓаните да ја проследат премиерата на новата претстава ќе бидат дополнително соопштени, а претставата е продолжување на традицијата на аматерското творештво во заедницата.
Од Центарот истакнуваат дека враќањето на сцената е резултат на љубовта кон театарот и желбата повторно да се воспостави живиот контакт со публиката.
В.К.
НЕГОТИНСКИОТ АМАТЕРСКИ ТЕАТАР Е ДОБИТНИК НА НАГРАДА ЗА ОСТВАРЕНИ РЕЗУЛТАТИ ВО ОБЛАСТА НА КУЛТУРАТА И ПОДГОТВУВА НОВ ПРОЕКТ!
2 Mins Read

