Верче Белчовска (20) од Русиново, Берово, чиј живот трагично згасна кога во 2021 година беше прегазена на пешачки премин во Струмица, подари живот на уште десеттина лица од земјава, откако нејзиното семејство се согласи да ги донира органите. Помеѓу оние чиј живот се спаси благодарение на хуманоста на Белчовски, беше и 19-годишно момче со малиген тумор на коска, кое доби здраво коскено ткиво, но и 22-годишниот Иле Стрезоски од Брвеница, во чии гради сега чука срцето на Верче.
-Ме совладуваат емоции, претешко ми е да зборувам. Се видовме сите, се запознавме со семејството на Верче. Добив брат и сестра, нејзините сестра и брат се и мои, добив фамилија. Првата средба со овие големи луѓе не можам да ја опишам. Многу е тешко, добрината која ја направија е нешто толку големо, што моите зборови не можат да го појаснат, ни изјави Иле неодамна, а кој денес живее исполнет живот.
Со братот на Верче, Мартин, во интервју кое го направивме минатата година, ни раскажа дека трагедијата од корен го променила животот на целото семејство. Тој со сопругата и детенцето останал да живее во родното Русиново, а пак неговите родители и сестрата се преселиле во странство.
-Животот на Верче беше одземен, и тоа таму, каде пешаците треба да се најбезбедни, на пешачки премин среде град! За изречената казна затвор од само 30 месеци за лицето кое ни ја зеде сестра ми, можам да кажам само дека беше одлука која сите уште повеќе не срози!
Нашите родители повеќе не можеа да останат овде, не можеа да продолжат со живот во една ваква земја, каде на правдина бевме буквално прегазени, сите ние, целото семејство. Заедно со сестра ми се преселија во странство. Јас со мојата сопруга и детенцето останав во родното Русиново, но тешко е, на сите ни е тешко и таа болка и чувство на неправда не притиска секој ден. Останавме да живееме со горчина, ни раскажа Мартин.
И покрај огорченоста која фамилијата доживотно ќе ја носи, од целата трагедија сепак останува оној најблагодарниот чин, кое семејството собра сили да го одобри – органите на Верче спасија човечки животи.
Приказната на Верче ја носи пораката дека да се биде донор значи да се остави траг што не исчезнува. Значи нечија мајка повторно да прегрне дете, нечиј татко повторно да здивне без болка, нечиј млад човек повторно да сонува. Во моментот кога срцето престанува да чука, хуманоста продолжува да живее.
В.К.
ЖИВОТОТ НА ВЕРЧЕ ЗГАСНА, НО ГИ ОСВЕТЛИ ПАТИШТАТА НА ДЕСЕТТИНА ПАЦИЕНТИ КОИ ДЕНЕС ЖИВЕАТ БЛАГОДАРЕНИЕ НА ХУМАНОСТА НА НЕЈЗИНОТО СЕМЕЈСТВО
2 Mins Read
Previous ArticleОТКРИЕН ХОРОР ВО ХРВАТСКА: ОТИШОЛ ДА ЗАРАБОТИ, ЗАВРШИЛ КАКО РОБ!

