Дете завршило со повреди за време на кошаркарскиот натпревар помеѓу КК МЗТ Скопје Аеродром и МКК Куманово, кој се одржа синоќа во Куманово, откако било погодено со метална монета.
Како што извести МВР, вчера во 19:40 часот полициски службеници од СВР Куманово го лишиле од слобода Б.Б.(23) од Скопје, кој ја мавнал монетата.
-Тој на кошаркарски натпревар во спортска сала во Куманово погодил малолетно дете со метална монета при што му нанел повреди.
Б.Б. бил приведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе следува соодветна пријава, соопштија од полицијата.
Инаку, за време на натпреварот од публиката маваа со плишани играчки кон кошаркарскиот терен, а играчките ќе бидат поделени на деца од социјално ранливи категории од кумановско.
Деск

