Голем број на посвоени лица од земјава, организирани во неколку групи на социјалните мрежи, најавуваат дека ќе создадат група со членови кои сакаат да ја тужат државата во Стразбур за повреда на член 8 од Европска конвенција за заштита на човекови права со кој се гарантира правото на почитување на приватен и семеен живот.
Како што појаснуваат дел од нив, секој има право да знае кои му се биолошките родители, како и да се има пристап до информации поврзани со здравјето, што севкупно е вклучено во опфатот на приватниот живот.
Бараат итна и неодложна промена на Законот за семејство, и најавуваат поднесување на иницијативата за промена на Законот за семејство во делот за одредбите кои се однесуваат на посвојувањето и член 123а.
-Голем број на лица кои биле посвоени во тек на животот се соочиле со разни болести, зборуваме за генетски и автоимуни заболувања, и имаат апсолутно право да ја знаат својата генетска историја. Не само тие, туку и нивните деца, внуци и идни поколенија, бидејќи станува збор за информации кои се од суштинско значање.
Да не заборавиме и за стравот од инцест, со кој живеат посвоените лица, како за нив лично, така и за нивните деца. Македонија е мала земја, огромна е веројатноста во тек на живот да се сретнат со свои роднини, блиски братучеди, па дури и браќа и сестри.
Ова не е проблем кој треба да се турка под тепих! Да потсетиме дека уште во 2017 година беше поднесена иницијатива до Министерството за труд и социјална политика, се бараше да се смени Законот за семејство и посвоените деца во одредени случаи да имаат право да знаат кои им се родители. Ништо не се промени досега, за ВИКИМЕДИА раскажуваат посвоени деца, кои организирани во групи на социјалните мрежи трагаат по своето биолошко потекло.
Додаваат дека на патот до вистината за своето потекло насекаде наидуваат на затворени врати, иако причината за потрагата неретко е со цел да се добијат информации за нивното здравје, нешто кое нашите власти не го зеле во предвид.
-Ние во Македонија немаме ниту официјални бројки околу тоа колку деца се посвоени, и колку од нив си ги бараат корените, како и поради која причина го прават тоа. Овој проблем мора конечно да се реши, мора да се промени Законот за семејство, под одредени регулативи, посебно кога станува збор за здравствени причини.
Во последните години, кога интернетот им е достапен на сите граѓани, преку медиуми и социјални мрежи имаше случаи кога деца си ги пронајдоа родителите и обратно, но тоа не е вистинскиот начин за решавање на овој горчлив проблем, ни изјавија посвоени лица со кои разговаравме, а кои се од повеќе градови од земјава.
В.К.

