Зоран Јовановски ќе биде првиот македонски параолимпиец кој ќе настапи на Зимска параолимпијада – Зимските параолимписки игри Милано-Кортина 2026, соопшти Скијачката федерација на Македонија. Зимската параолимпијада во Милано и Кортина ќе трае од 6 до 15 март.
-Ова е историски чекор за скијачките спортови во Македонија и доказ дека со визија, системска работа и посветен тим можеме да поместуваме граници и да создадеме нови страници во спортската историја, објавија од федерацијата.
Зоран, кој е од Василево, не е име кое е непознато во параскијањето. Тој во 2024 година дебитираше на трки од календарот на Светската скијачка федерација, а исто така е и првиот маратонец на Скопски маратон, кој го завршил со активна количка.
-Бев во војска, дојдов дома на редовно, излегов во кафеана, двајца се скараа, едниот од нив извади пиштол… Пукаше, рикушет, цемент, стол, и куршумот заврши кај мене во кичма. 49 дена лежев во тогашна Воена болница.
Видов дека животот мора да продолжи. Сакам или не сакам, животот мора да продолжи, раскажа Јовановски минатата година, во видео прилог за АД Славеј, и порача дека за него количката не е препрека, туку е дел од патот, а спортот бил негова страст.
Од федерацијата истакнаа дека остануваат цврсто посветени на развојот на скијачките спортови, создавање еднакви можности и градење систем што ќе овозможи нови генерации спортисти да стигнат до најголемите светски сцени.
В.К.
ЗОРАН Е ПРВИОТ МАКЕДОНСКИ ПАРАОЛИМПИЕЦ КОЈ ЌЕ НАСТАПИ НА ЗИМСКА ПАРАОЛИМПИЈАДА: ВИДОВ ДЕКА ЖИВОТОТ МОРА ДА ПРОДОЛЖИ ПО ТРАГЕДИЈАТА
2 Mins Read

