Поранешниот прв вицепремиер и министер, Артан Груби, кој по повеќе од една година бегство денеска самиот се пријави на органите на прогонот, доби домашен притвор со дополнителни мерки за обезбедување на неговото присуство.
По соопштувањето на веста за домашниот притвор на Груби, по кого беше распишана меѓународна потерница и е осомничен е за злоупотреба на службената положба во случај поврзан со Државна лотарија, а истрагата се однесува на наводна проневера од околу осум милиони евра преку набавка на ВЛТ апарати, социјалните мрежи се преполнија со коментари во кои најчесто јавноста тврди дека одлуката за куќен притвор воопшто не била изненадување.
Во време кога довербата во институциите е на минимум, а секојдневните вести за нови скандали, тендери и „случајни“ пропусти стануваат рутина, граѓаните очигледно сè почесто одговараат со – хумор.
-Зарем некој очекуваше дека Груби доброволно се врати дома, за да оди во затвор, прашуваат многумина, а чести и се шегите, сатиричните статуси и видеата кои народот си ги прави на сопствена сметка, во однос на настанот, со образложение дека ако не се смееме, ќе треба да плачеме.
Јавноста и во случајот со Груби, ја избра иронијата како најевтино, но и најмоќно оружје против системските неправди.
-Откако утрово КПУ затвор „Скопје“- Скопје, го извести судот дека осомничениот А.Г. од 09:20 часот е спроведен во установата каде што започнал со издржување на мерката притвор, определена со решение од 17.12.2024 година, а стапува на сила од негово пронаоѓање односно лишување од слобода, судот за истото го извести Основното јавно обвинителство и по нивно барање издаде наредба за спровод на осомничениот пред Јавен обвинител за негово сослушување, сопштија од Основниот кривичен суд.
Од Јавното обвинителство Скопје пак, соопштија дека мерката притвор ќе му биде заменета со домашен притвор и одземање на патна исправа, со образложение дека во најголем дел се обезбедени доказите во текот на постапката, дека истиот доброволно се пријавил на органите на прогонот, како и дека постојат индиции дека во притворското одделение не може да се гарантира неговата лична безбедност, кои индиции се поткрепени со известување од надлежните органи. Исто така, индициите за загрозената безбедност се однесуваат и на членовите на неговото семејство.
Како потсетување, Груби исто така беше ставен и на „црната листа“ на Стејт департментот, објавена на 9 декември, поради вмешаност во значителна корупција, политичко мешање и обиди за оцрнување на судството.
В.К.
НАРОДОТ СИ СМИСЛУВА ШЕГИ НА СВОЈА СМЕТКА, ОТКАКО ГРУБИ ДОБИ ДОМАШЕН ПРИТВОР: ИРОНИЈАТА КАКО НАЈЕВТИНО ОРУЖЈЕ ПРОТИВ СИСТЕМСКИТЕ НЕПРАВДИ!
2 Mins Read
Previous ArticleЗОРАН Е ПРВИОТ МАКЕДОНСКИ ПАРАОЛИМПИЕЦ КОЈ ЌЕ НАСТАПИ НА ЗИМСКА ПАРАОЛИМПИЈАДА: ВИДОВ ДЕКА ЖИВОТОТ МОРА ДА ПРОДОЛЖИ ПО ТРАГЕДИЈАТА
Next Article MOBY СНИМИ НОВ АЛБУМ И НАЈАВИ ЕВРОПСКА ТУРНЕЈА

