Министерот за правда Игор Филков јавно побара одговори за одлуката за куќен притвор на Артан Груби и на прес конференција им се обрати на јавниот обвинител Даниел Коцев, на раководителот на обвинителството, Анел Фидоски и на судијата Марин Станевски.
-Јавно ги повикувам сите актери во постапката да дадат објаснување: Јавниот обвинител Даниел Коцев– да објасни, врз основа на кои конкретни факти и правни аргументи е дадено позитивно мислење за замена на притворот?
Раководителот на обвинителството Анел Фидоски –дали стои зад оваа одлука и дали смета дека ова е порака за еднаква примена на законот?
Судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, Марин Станевски– кои околности го надминале ризикот од бегство кај лице кое веќе 14 месеци беше недостапно?” праша министерот за правда Игор Филков.
Тој порача дека Министерството за правда нема да биде нем сведок кога довербата на граѓаните во правниот систем е разнишана.
Деск

