Македонскиот олимписки комитет (МОК) упати благодарност и честитки до нашите олимпијци – Јана Атанасовска, Виктор Петков, Ставре Јада и Ана Цветановска, кои ја претставуваа државата на најголемата светска спортска сцена на Зимските олимписки игри „Милано–Кортина 2026“.
-Оваа благодарност ја споделуваме и со нивните тренери и стручни тимови, чија посветеност беше клучна во остварувањето на олимписките норми и подготовките за овој врвен предизвик. Посебна благодарност упатуваме и до Скијачката федерација на Македонија за одличната соработка и меѓусебна координација, што овозможи системски пристап во реализацијата на оваа олимписка програма.
Настапите на нашите спортисти во Милано и Кортина донесоа вредни резултати и значајно искуство. Виктор Петков, во својот дебитантски настап, го освои 55. место во велеслалом на патеката „Стелвио“, напредувајќи со стабилно второ возење меѓу најдобрите 60 во светот. Ана Цветановска на трката на 10 километри го подобри својот резултат од претходните Игри во 2022 година за повеќе од три минути, што е јасен доказ за напредок. Ставре Јада покажа исклучителна борбеност во крос-кантри дисциплините, додека младата Јана Атанасовска, и покрај грешките на стартот, се стекна со драгоцено искуство кое е важен чекор во нејзиниот понатамошен развој, истакнуваат од МОК.
Додаваат дека гледано објективно, овие постигнувања го претставуваат нашиот моментален максимум.
-Покажаната борбеност на нашите таленти е патоказ за потенцијалот кој го поседуваме кога институциите работат заеднички. Сепак, овој настап е и реално соочување со јазот меѓу домашните услови и светската елита. Тоа за нас не е обесхрабрување, туку силен мотив за уште поинтензивна работа и подигнување на стандардите.
МОК упатува јасен апел дека за сериозни резултати во иднина, неопходно е итно и стратешко фокусирање на развој на домашните зимски капацитети и центри. Не е одржливо нашите спортисти да зависат исклучиво од подготовки во странство; ревитализацијата на македонските зимски патеки и инфраструктура мора да биде приоритет на националната спортска стратегија. Само преку создавање на модерни домашни бази можеме да им овозможиме на нашите олимпијци услови какви што заслужуваат во текот на целата година, велат од МОК.
Потенцираат дека за Македонскиот олимписки комитет, оваа Олимпијада е највисокиот дострел на нашиот спортски дух и гордост.
-Спортот е најмоќниот национален проект и затоа веруваме дека е неопходна тесна соработка меѓу сите институции, бидејќи олимпијците го носат името на целата држава.
Очекуваме дека овој олимписки циклус ќе биде поттик за уште поблиска соработка со сите државни институции и бизнис секторот преку долгорочна национална стратегија.
Наша заедничка мисија е да вложуваме во младите таленти и модерната инфраструктура со истата страст со која навиваме на трибините. Секој успех на спортски терен е успех за нашата држава и најдобар влог во иднината на нашите генерации, соопштија од комитетот.
Деск
НЕ СМЕ ОБЕСХРАБРЕНИ, ТУКУ СИЛНО МОТИВИРАНИ ЗА ПОДИГАЊЕ НА СТАНДАРДИТЕ, ВЕЛАТ ОД МОК, ПО УЧЕСТВОТО НА ЗИМСКИТЕ ОЛИМПИСКИ ИГРИ
3 Mins Read

