Мерката што ја најави премиерот Мицкоски, да се намали ДДВ на горивата од 18% на 10% е прво задоцнета, а второ е далеку од доволна и нема да придонесе за реално намалување на цените на горивата кои што граѓаните ќе ги плаќаат, смета претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
-Цените на горивата веќе три недели се покачени. Прво дизелот се покачи за 14 денари, па потоа за уште 7 денари, и тоа се 21 денар. За утре се очекува ново поскапување на горивата. И имајќи го предвид ова намалување на ДДВ-то, тоа значи дека граѓаните нема да видат во текот на утрешниот ден, следната недела, следниот период вистинско намалување на цените на горивата кои што ќе ги плаќаат на бензиските пумпи. Туку горивото очекуваме да се зголеми за дополнителни 4 до 6 денари согласно новата пресметка на цената.
Значи, апсолутно задоцнета и мерка која што никако нема да даде ефект кој што ќе го почувствуваат граѓаните.
Досегашните покачувања на цените ги чинеа граѓаните околу 4,5 милиони евра. Толку пари досега дадоа граѓаните повеќе, од кога почна кризата, истакнува Филипче.
Додава дека граѓаните биле оставени сами три недели, а во меѓувреме се поскапело.
-Наместо навремена реакција, дозволи цените на горивата да ја активираат спиралата на раст на цените на сите производи, најмногу на храната.
Започнати се веќе поскапувањата, маслото за јадење е над 100 денари, јајцата над 300 денари, зеленчукот и овошјето над 100 денари за килограм.
И сега нема мерка за намалување на цените на храната.А овие цени кога еднаш ќе се покачат тие повеќе нема да се вратат назад.
Се прашувам со кое лице без срам излезе премиерот пред граѓаните со само една половична мерка. За да ни зборува колкави се цените на горивата во соседството?
Па со што се занимаваше премиерот изминатите три недели – со прослави на ЕПП на трошок на граѓаните, продолжен викенд, со спинови, дефокус, навреди, недоличен речник, напади врз мене, лично до опозицијата и секако со лагите дека сме биле четврта економија во светот.
Дефокусот, лагите, спиновите не го полнат фрижидерот на граѓаните. Дефокусот не обезбедува намалување на цените на храната. Платите одби да ги покачи, одби 600 евра минимална плата колку што реално им се потребни на луѓето за да преживеат, да се прехранат, порача лидерот на СДСМ.
Деск

