Во вредност од пет милиони евра целосно е реконструиран Регионалниот центар за средно стручно образование „Моша Пијаде“ во Тетово. Денес од Тетово, премиерот Христијан Мицкоски се заблагодари на сите вклучени во проектот.
-Навистина делува импресивно. Од тоа што бев информиран, скоро 5 милиони евра се инвестирани од страна на Владата во соработка со Европската Унија во овој модерен Регионален центар за образование.
Јас само сакам да им порачам на оние коишто ќе го стекнуваат своето знаење тука да напредуваат, бидејќи тие се генерациите на коишто ќе се потпира оваа држава. Тоа се генерациите коишто треба да ја развиваат земјата, а ние како Влада ќе продолжиме да поддржуваме ваков тип на проекти и ќе сториме сè што е во нашата моќ ваков тип на проекти да бидат наше секојдневие, кажа премиерот.
Додаде дека за многу кратко време, ова е второ средно училиште во Тетово коешто е реконструирано и реновирано и порача дека заедно со Општина Тетово, градат уште две нови средни училишта во општината.
-Но, и покрај ова коешто досега е инвестирано, сакам да кажам дека инвестираме и во булевари, инвестираме во улици, инвестираме во друг тип на проекти. И ќе продолжиме да инвестираме во проекти во Општина Тетово.
Благодарност и до градоначалникот и до мнозинството во Советот, којшто ја поддржува работата на градоначалникот, до администрацијата, до Министерството, до колегите во Владата. Луѓето ги паметат по нивните дела. Зборот понекогаш знае да боли, но доколку е небитен, брзо се заборава, а делата остануваат вечни и тие се паметат. Јас би сакал да останеме запаметени по делата, а овие дела не можеме да ги игнорираме колку и да сакаме, изјави Мицкоски.
Деск
ЗА ПЕТ МИЛИОНИ ЕВРА ЦЕЛОСНО РЕКОНСТРУИРАН РЕГИОНАЛНИОТ ЦЕНТАР ЗА СРЕДНО СТРУЧНО ОБРАЗОВАНИЕ ,,МОША ПИЈАДЕ” ВО ТЕТОВО
2 Mins Read

