Штрк во неготинското село Војшанци, чија нога со денови била заплеткана во ќеса и не можел да одлета од гнездото, денес со помош на интервенција на пожарникарите од ППТЕ Неготино одлетал од гнездото, за ВИКИМЕДИА велат мештаните.
Како што појаснуваат, откако се објави апелот за помош на птицата, пожарникарите за помалку од половина час пристигнале со потребна опрема. Откако се приближиле до гнездото, штркот самиот започнал да прави силни движења, и набргу потоа ја ослободил заплетканата нога. Полетал од гнездото, но ќесата сепак останала заплеткана околу неговиот врат.
-Благодарни сме на брзата реакција од страна на пожарникарите од Неготино. Овој гест ни ја враќа вербата во човечката добрина и хуманост. Доколку останеше заплеткан во гнездото, штркот сигурно ќе угинеше од жед и глад.
Но, останува нерешен проблемот со ќесата која сега е закачена на неговиот врат. Не знаеме кој и како би можел да помогне. Ќе го следиме неговото движење, да се надеваме дека самиот ќе успее да се ослободи, ако не, ќе се обидеме да најдеме некаков начин да му помогнеме, ни изјавија луѓе од Војшанци, кои биле очевидци на настанот.
В.К.
НЕГОТИНСКИТЕ ПОЖАРНИКАРИ МУ ПОМОГНАА НА ШТРКОТ КОЈ БЕШЕ ЗАПЛЕТКАН ВО ГНЕЗДОТО ДА ПОЛЕТА, НО ЌЕСАТА СЕ УШТЕ МУ Е ЗАКАЧЕНА ОКОЛУ ВРАТОТ
1 Min Read

