Во Вашингтон беше потпишан Договор меѓу Владата на Соединетите Американски Држави и Владата на Република Северна Македонија во врска со воведување увозни ограничувања за категории на археолошки и етнолошки материјали од нашата држава.
Договорот го потпишаа министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски и заменик-државниот секретар Кристофер Ландау.
-Договорот има исклучително значење и претставува важен инструмент за спречување на нелегалната трговија, односно незаконското изнесување на културното наследство на Република Северна Македонија. Културното наследство со кое располага нашата држава има непроценлива вредност, а во таа насока постои јасна обврска и одговорност за зачувување на неговиот изворен контекст, унапредување на неговата заштита и намалување на сите ризици на кои може да биде изложено, особено во делот на неговата безбедност, соопштија од Министерството за култура.
Како што истакнуваат од министерството, билатералниот договор со САД претставува можност за размена на искуства и добри практики со цел унапредување на системот за ефикасна заштита од недозволени ископувања, кражби, присвојувања, недозволена трговија со културни добра, криумчарење и незаконско изнесување на културни добра од територијата на нашата држава.
-Овој договор, кој подолг период се усогласуваше преку Министерството за култура и туризам и Амбасадата на САД, претставува потврда на меѓусебната доверба и стратешкото партнерство меѓу двете земји. Воедно, тој е израз на заедничката заложба за заштита на националниот фонд на културни добра, кој претставува дел од светската културна ризница и значајна цивилизациска вредност, објавија од Министерството за култура.
Деск

