Првата трансплантација на бели дробови е извршена во Србија, во историски подвиг изведен од хирурзи од Клиниката за торакална хирургија при Универзитетскиот клинички центар на Србија. Дваесет и четиригодишниот пациент добро се опоравува, јавуваат тамошните медиуми.
– Со задоволство известувам дека првата трансплантација на бели дробови во Србија е успешно извршена, во соработка со тим од Медицинскиот универзитет во Виена. Иако пред пациентот е долг пат, тој добро закрепнува.
Оваа процедура е резултат на долготрајна работа и систематски подготовки, вели професорката Маја Ерцеговец, директорка на Клиниката за торакална хирургија при УКЦ Србија.
Д-р Славиша Башчаревиќ, кој шест месеци се обучуваше во Виена, го опишува потфатот како голем чекор напред за српското здравство.
– Целиот тим работеше како една целина. Ова е многу комплицирана, повеќечасовна операција. Секој ја знаеше својата улога, предводен од врвни специјалисти по торакална хирургија, анестезиологија, пулмологија и останатиот медицински персонал. Клучот во сето тоа е координација, посветеност и прецизност, истакна Башчаревиќ.
Операцијата започна околу 18 часот и заврши во раните утрински часови, но д-р Башчаревиќ вели дека никој не се чувствувал уморен.
Деск

