Според раните неофицијални фан-рангирања и онлајн прогнози, Србија оваа година се издвојува како еден од главните фаворити за победа на Евровизија 2026. На популарната „Top 35“ листа, земјата е позиционирана на првото место со 557 поени, пред Данска и Финска, додека во првите пет се наоѓаат и Кипар и Хрватска.
Овие резултати изненадија дел од евровизиската публика, особено затоа што традиционално силни учесници како Шведска и Германија овојпат се позиционирани значително пониско.
Во центарот на вниманието се најде бендот „Лавина“, кој ќе ја претставува Србија со песната „Крај мене“. Според најавите, нивниот настап е закажан како последен во првата полуфинална вечер, што често се смета за позиција која може да остави силен впечаток кај публиката и жирито.
Иако се на врвот на раните прогнози, членовите на бендот остануваат скромни и фокусирани на музиката. Тие истакнуваат дека целата ситуација сè уште им делува нереално и дека интензитетот на медиумското внимание дополнително го засилува чувството дека се наоѓаат во центар на голем настан. Сепак, нагласуваат дека пласманите не ги оптоваруваат и дека на сцената ќе излезат со ист пристап како и досега.
Нивната цел, како што велат, е да ја претстават Србија со автентичен звук и енергија инспирирана од метал жанрот. Овој поинаков музички пристап ги издвојува од најголемиот дел од годинашните евровизиски пријави, каде доминираат поп и електронски стилови. Според дел од фан-заедницата, токму оваа „сурова енергија“ би можела да биде клучен фактор во освојувањето на публиката.
Сепак, како и секоја година, евентуалните фаворити пред натпреварот остануваат предмет на промени, а конечните резултати најчесто се обликуваат дури по настапите во живо и гласањето на жирито и публиката.
Б.Н.

