Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека поранешниот премиер Никола Груевски ќе биде упатен на издржување затворска казна доколку се врати во земјава, нагласувајќи дека институциите се должни да постапуваат согласно правосилните судски одлуки.
Одговарајќи на новинарско прашање дали очекува Груевски да се врати од Будимпешта, Мицкоски рече дека нема такви очекувања, но подвлече дека постои јасна правна рамка. „Доколку се појави во Македонија, тој има правосилна пресуда и веднаш органите на редот ќе го обезбедат и ќе го упатат на отслужување на затворската казна“, изјави премиерот.
Тој додаде дека Владата нема простор за поинакво постапување, бидејќи, како што рече, станува збор за влада која ги почитува законите и институциите. „Секое лице има право да ги користи институциите и правните механизми, вклучително и жалби, но ние како Влада имаме пред нас правосилна одлука“, нагласи Мицкоски.
Изјавата доаѓа во контекст на политичките случувања во Унгарија и најавите од опозицискиот политичар Петер Маѓар, кој посочи дека би можело да се преиспита статусот на странските политичари што добиле азил во земјата, меѓу кои и Груевски.
Поранешниот премиер избега во Унгарија во 2018 година, каде што доби политички азил, откако беше осуден со правосилна пресуда во Македонија. Прашањето за неговото евентуално враќање останува неизвесно, додека домашните власти повторуваат дека во случај на негово присуство во земјата, ќе постапат согласно законските обврски.
Деск

