-Татко ми почина кога имав 11 години. Во тоа време, брат ми имаше осум, а сестра ми само една година. Мајка ми работеше како дактилограф, потоа во администарција во една фирма. Во времето на приватизацијата, таа остана без работа. Тешки времиња беа, јас бев на факултет, таа одвојуваше од уста за да ме исшколува. Кога остана без работа, знаејќи колку му е потребна финансиската помош на нашето семејство, и беше претешко. Тоа ја уби, ја срози… Чистеше станови, работеше се, само за нас. И успеа во тоа, не одгледа, станавме зрели и одговорни луѓе, но инфарктот минатиот април не пресече сите. Ненадејно ја изгубивме, ни раскажа поп пејачот Јоце Панов во интервју во 2018 година.
Кажа дека само месец дена пред да почине мајка му Василка, тој си купил стан во Скопје, а таа успеала да го посети само неколкупати пред смртта.
-Каде и да бев, какви обврски и да имав, секогаш се трудев да си дојдам дома, во родниот Штип, и да ја минам Бадниковата вечер со неа. Трпезата подготвена со љубов, лепчето со паричка, посните сармички, гравче, оревите и сушеното овошје, но и топлината која се ширеше околу неа, тоа е нешто што знам дека нема никогаш повеќе да го почувствувам, нема да се врати тоа време. Токму затоа празниците ми се тежок период, ми се навраќаат спомените, раскажа Панов, кој на Божиќ 2018 година ја промовираше песната ,,Кога те нема” посветена на неговата мајка.
Деновиве пак, со емотивна објава тој се присети и на неговиот татко.

-Татко мој, имав 11 кога те изгубив, ти имаше само 49… Празнината никогаш не исчезна – само научив да пеам низ неа. Под ѕвездено небо и со твојот лик зад мене, после 30 години ти ја посветив сцената, песната и тишината меѓу нотите. Ако некаде слушаш… се надевам дека се гордееш со мене, објави поп пејачот Јоце Панов, споделувајќи сцена од неговиот концерт, каде во позадина е истакната фотографијата од неговиот татко.
За татко му, раскажуваше дека починал од мозочен удар, и уште му останало во сеќавање како стоел на улицата додека возилото на брзата помош го однело.
Денес Јоце е семеен човек, посветен на сопругата Марина и на синчето. Има редовни настапи и голем број на обожаватели, а минатиот месец одржа солистички концерт во МОБ, исполнувајќи ја салата до последно место.
Деск

