Милаим Дестановски, музичар, изработувач на балкански инструменти и предавач на традиционални танци во САД, упати емотивен апел до јавноста за помош, откако неговата сопруга во Македонија се соочува со сериозна здравствена состојба и итна потреба од оперативен зафат поради канцер. За помош на неговата сопруга е отворена сметка за донации на платформата Gofundme.com.
Како што наведува Дестановски, тој заминал во САД со надеж дека преку работа ќе може да обезбеди финансиска поддршка за своето семејство. Сепак, во моментов се наоѓа во тешка материјална состојба и, како што истакнува, се бори да обезбеди и основни животни потреби, додека истовремено се обидува да ја помогне сопругата.
„Помагањето на другите отсекогаш било дел од мојот живот – преку музика, настава и поддршка во заедницата. Но сега јас сум тој што има потреба од помош“, порачува Дестановски, додавајќи дека ова му е еден од најтешките моменти во животот.
Тој упати апел до пријателите, заедницата и пошироката јавност, нагласувајќи дека секоја донација, без разлика на износот, може да помогне во обезбедување на неопходната медицинска интервенција за неговата сопруга.
„Секоја помош значи надеж за нас“, истакнува тој, изразувајќи благодарност до сите кои ќе покажат солидарност во ова тешко време.
Деск

