Во Скопје се уште живее една приказна за лојалност што не завршила. Тажна слика доаѓа од местото каде со години наназад Драги Паровски, познат како чичко Драги од Рекорд на тезга продаваше дребулии и шноли, а кој постојано беше опкружен со повеќе улични кучиња за кои посветено се грижеше.
Чичко Драги почина годинава во март, по тешко боледување, а едно од кученцата кое редовно го хранел, секојдневно може да се види на истото место, каде во минатото стоеше неговата тезга, како да го очекува да се врати и го чува местото од заборав. Не лае, не бара внимание, само чека…
По смртта на добриот човек, кој секој заработен денар го даваше за храна на кучињата, беа актуелни повеќе апели на социјалните мрежи, во кои активисти бараа помош за згрижување на кучињата кои останаа без човекот кој им го посвети својот живот.
Беше објавена информација дека дел од нив биле згрижени во пансион во Куманово, а за дел се грижеле активисти.

Сепак, едно од нив постојано е околу истата локација и во градот каде сè брзо се менува, оваа мала сцена останува како потсетник дека врските меѓу човекот и животното понекогаш надминуваат зборови, па дури и отсуство.
В.К.

