Во просториите на Стопанската комора на Македонија се одржа четвртиот национален настан за доделување грантови од страна на Регионалниот фонт за предизвици, чија цел е поддршка на развојот на стручното образование и поврзување со бизнис секторот.
Овој пат беше доделен грант во износ од 500 илјади евра за реализација на проект „Паметна обука во преработката на производи од млеко и месо“ на Земјоделскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и средното општинско училиште „Кочо Рацин“ од Свети Николе, заедно со шест претпријатија. Со средствата ќе се изгради и опреми современ Центар за обука за преработка на млеко и месо, ќе се изработат наставна програма и материјали за учење, со што ќе бидат поддржани две квалификации: Млекопреработувач и Преработувач на месо и месни производи.
На настанот се обрати и министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска, која изрази задоволство што образованието и бизнис заедницата продолжуваат да создаваат можности за младите и да градат конкурентен човечки капитал.
„Во Македонија, со гордост говориме за успешноста на моделот на дуално образование, во рамки на средното стручно образование. Во овој грант се препознаваат сите негови добри практики – можноста за партнерство меѓу средни училишта и факултетите, активната улога на компаниите, вклученост на стопанските комори, практичната обука на учениците со ментори, како и соработка со меѓународни партнери. Заедничка цел е директно решавање на структурните предизвици на пазарот на труд, како што се младинската невработеност и недостигот на вештини, како и зголемување на конкурентноста на локалните компании“, рече Јаневска.
Потенцираше дека Министерството за образование и наука засилено ги спроведува реформите во образованието. Согласно Реформската агенда, до декември 2026 година државата има обврска да стигне до бројка од 700 компании вклучени во дуалното образование. Веќе сега таа бројка е надмината и над 800 компании се вклучени во стекнување практично знаење на учениците директно кај работодавач. И, како што рече Јаневска, оваа бројка дополнително ќе расте, затоа што компаниите го гледаат бенефитот од учеството во квалитетното образување кадри според свои потреби.
„Учениците исто така ја препознаваат предноста да влезат на пазарот на труд или во високото образование подготвени не само со теоретско, туку и со практично знаење од конкретни работни места, и затоа и бројот на ученици во дуалните паралелки во средните стручни училишта, од година во година е се поголем. Во стручно образование се запишани 66% од средношколците. Од нив, околу 30% се запишани во дуално образование“, информираше министерката.
Деск
СТРУЧНОТО ОБРАЗОВАНИЕ СЕ ПОВРЗУВА СО БИЗНИС СЕКТОРОТ, ЌЕ СЕ ГРАДИ ЦЕНТАР ЗА ОБУКА ЗА ПРЕРАБОТКА НА МЛЕКО И МЕСО
2 Mins Read
Previous ArticleБРУТАЛНО МАЛТРЕТИРАНА ШЕСТООДДЕЛЕНКА ОД ТРИ МАЛОЛЕТНИЧКИ

