Министерката за образование и наука Весна Јаневска информира дека е целосно запознаена со случајот на врсничко насилство што се случил во училиште во општината Ѓорче Петров, посочувајќи дека институциите веќе постапиле согласно надлежностите. Станува збор за вознемирувачкиот настан, кога шестоодделенка била брутално малтретирана од неколку малолетнички, поради комуникација на Инстаграм.
Како што изјави таа, училиштето навремено го пријавило случајот во полиција и во социјалните служби, а паралелно презело и сопствени мерки за справување со ситуацијата. Според Јаневска, ваквото постапување е во согласност со пропишаните процедури.
„Жал ми е што се соочуваме со вакви случаи. Министерството редовно добива информации и презема активности. Во соработка со компании и со Бирото за развој на образованието, континуирано подготвуваме упатства и прирачници за постапување во вакви ситуации“, истакна министерката.
Таа нагласи дека, и покрај ангажманот на институциите, клучна улога во превенцијата имаат родителите. Според неа, без нивна активна вклученост, резултатите ќе бидат ограничени.
„Сите институции може да постапуваат како што треба, но ако нема соработка со родителите, успехот нема да биде целосен. Тие треба повеќе да внимаваат и да поминуваат време со своите деца“, додаде Јаневска.
Министерката посочи и дека често агресивното однесување кај децата е одраз на состојбите во семејството, поради што се подготвува нова иницијатива за проект поврзан со семејно насилство, со цел навремена превенција и подобра заштита на децата.
Деск
НАЈЧЕСТО ОВИЕ АГРЕСИИ СЕ РЕЗУЛТАТ НА ОНА ШТО СЕ СЛУЧУВА ДОМА, ВЕЛИ ЈАНЕВСКА ЗА СЛУЧАЈОТ СО НАСИЛСТВОТО ВРЗ ШЕСТООДДЕЛЕНКАТА
2 Mins Read

