Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, информира дека од Брисел пристигнало официјално известување за продолжување на процесот на искористување на средствата од ИПАРД програмата.
Како што истакна министерот, ќе продолжи исплатата на сите веќе доспеани квартали, а во наредниот период се очекуваат и нови објави за аплицирање.
„Во текот на вчерашниот ден добивме официјално известување од Брисел дека се продолжува со процесот на искористување на средствата од ИПАРД програмата, односно ќе продолжи исплатата на сите квартали кои што се доспеани, во наредниот период ќе има и нови објави“, изјави Трипуновски.
Тој додаде дека земјоделците немаат причина за загриженост и дека институциите презеле мерки за непречено продолжување на процесот.
„Ова значи дека земјоделците не треба да бидат загрижени, ние направивме сè што е во рамки на нашите можности како држава за да го продолжиме процесот понатаму со цел да го модернизираме и развиваме македонското земјоделство“, појасни министерот.
Со оваа одлука, како што посочуваат надлежните, се обезбедува континуитет во поддршката на земјоделскиот сектор и реализација на инвестициите предвидени преку ИПАРД програмата.
Деск

