Премиерот Христијан Мицкоски најави дека Владата нема да го реализира еден од клучните индикатори од Реформската агенда кој се однесува на намалување на државното субвенционирање на електричната енергија, оценувајќи дека таквиот чекор би предизвикал сериозен ценовен шок за граѓаните.
Одговарајќи на пратеничко прашање во Собранието, Мицкоски посочи дека до крајот на јуни завршува т.н. „грејс период“ за исполнување на дел од обврските, при што од вкупно 12 индикатори, 10 треба да бидат реализирани. Сепак, како што нагласи, Владата свесно ќе се откаже од исполнување на индикаторот во енергетиката.
„Доколку државата не учествува со целосната количина на електрична енергија на тендерот, цената за домаќинствата ќе се зголеми за повеќе од 35 проценти. Тоа ќе повлече и дополнителни поскапувања. Јавно кажуваме дека тоа нема да го направиме“, изјави премиерот.
Во делот на енергетиката, тој информираше дека се работи на подготовка на подзаконски акти со поддршка на експерти, во согласност со препораките на Европска комисија, со цел законот да стане целосно функционален.
Мицкоски се осврна и на економските реформи, при што посочи дека Министерството за финансии ќе направи измени на постоечки закон, кои според него се повеќе технички отколку суштински. Дополнително, во тек е формирање регистар на правни лица во државна сопственост или со државен удел.
Во рамки на реформите во правосудството, премиерот истакна дека се работи на усогласување на законите за Судскиот совет, како и на зајакнување на независноста при вработување и унапредување на судиите и обвинителите. Тој посочи дека со одлуките за зголемување на платите и со новите механизми за одлучување, овие индикатори се практично исполнети.
Сумирајќи ги резултатите, Мицкоски изрази очекување дека најмалку седум до осум индикатори ќе бидат завршени во предвидениот рок, како и дека државата ќе добие позитивна оценка од Брисел.
„Од последни во регионот, сега сме рамо до рамо со фронтранерот“, изјави тој, посочувајќи ја Црна Гора како земја со која Македонија се изедначува во напредокот на реформите.
Очекувањата на Владата се дека во наредниот период ќе пристигне позитивен извештај од Европската унија за спроведувањето на реформската агенда.
Деск

