Во Скопје на 7 и 8 мај ќе се одржи Регионалната министерска конференција посветена на демографските промени, настан што се очекува да ја позиционира земјата како важен центар за креирање политики во оваа област. Конференцијата ја организира Министерството за социјална политика, демографија и млади, во партнерство со Фондот за население на Обединетите нации.
Настанот се реализира под покровителство на премиерот Христијан Мицкоски и ќе обедини министри, високи владини претставници и експерти од повеќе од 30 земји. Присуство ќе имаат и претставници на релевантни меѓународни институции, меѓу кои Обединети нации, Совет на Европа и Европска банка за обнова и развој.
Во фокусот на дискусиите ќе бидат клучните демографски предизвици со кои се соочува регионот на Источна Европа и Централна Азија – намалени стапки на наталитет, зголемена миграција и забрзано стареење на населението. Овие трендови веќе имаат сериозни последици врз економскиот развој, пазарот на труд и системите за социјална заштита. Според анализите, делови од Источна Европа изгубиле повеќе од една третина од населението од 1990-тите, додека регионот бележи едно од најбрзите демографски опаѓања во светот.
Од друга страна, Централна Азија се соочува со спротивен тренд – раст на населението и потенцијал за т.н. демографска дивиденда. Проекциите покажуваат значително зголемување на работоспособното население во наредните децении, што отвора можности за економски раст доколку се спроведат соодветни политики.
Целта на конференцијата е да се поттикне регионален дијалог и да се дефинираат заеднички политики кои ќе овозможат премин од концептот на „демографска загриженост“ кон „демографска отпорност“. Организаторите нагласуваат дека фокусот ќе биде ставен на решенија базирани на докази и почитување на човековите права, со цел градење поинклузивни и одржливи општества.
Се очекува учесниците да усвојат заеднички патоказ кој ќе им помогне на земјите од регионот поефикасно да се справат со демографските промени и да го искористат својот најважен ресурс – луѓето.
Деск
МИНИСТРИ И ЕКСПЕРТИ ОД 30 ЗЕМЈИ ДОАЃААТ ВО СКОПЈЕ НА КОНФЕРЕНЦИЈА ЗА ДЕМОГРАФИЈА
2 Mins Read

