-Седев во бифето на Драмскиот театар со пријатели, ја пиев втората чаша. Одеднаш почувствував некаква зашеметеност и истоштенст, а десната рака ми отежна. Ударот ме најде сосема неподготвен, во момент кога се чувствував здрав. Некако влегов во колата, си дојдов дома, а моите мислеа дека малку им глумам, дека не биле две чашки во прашање. Но, гледам десната рака прави некакви движења, како да е без команда, и тогаш повикавме лекар. Дојде во моментот кога ми слоши, кога веќе ниту раката, ниту ногата не ги чувствував, а и десната страна на лицето ми се искриви. По три дена медицинска грижа веќе ми беше подобро, и ќе се вратам на сцената, така раскажуваше легендата на македонското глумиште, Дарко Дамевски, во интервју за домашните медиуми во септември 1983 година. Почина истата година, во декември, на 51-годишна возраст.

На денешен ден во 1932 година во Прилеп е роден Дарко Дамевски, еден од најистакнатите македонски театарски, филмски и телевизиски актери. Во историјата на македонскиот филм неговото име е забележано уште во самите почетоци во “Волчја ноќ “, а потоа следуваат уште триесетина главни улоги, речиси во сите македонски филмови. Ликот на Дарко Дамевски беше присутен и на малиот екран, почнувајќи од првите ТВ драми на ТВ Скопје, до речиси сите телевизиски серии и други позначајни емисии и проекти.
Во своето последно интервју раскажа дека причината за ударот му била јасна, а и лекарите му ја потврдиле – исцрпеност.
-Долго, долго време сум преморен. Особено последнава година. Ме исцрпија улогите во ,,Покој, рци и јад” и ,,Хенри IV”, две сериозни работи во кои вложив максимум психофизички напор. Не дека немав време да одморам, но едноставно јас не знам да се одморам. Не знам како е тоа кога човек се релаксира. Им завидувам на оние што умеат со часови со јадица во рака да бидат покрај река, езеро. Кога не работам, необично ми е, празно ми е, нервозен сум. Ова што сега ми се случи, очигледно морало да ми се случи. И го сметам за добро предупредување. Отсега натаму, ќе морам да внимавам, раскажа Дамевски во последното интервју, само три месеци пред да почине.
Зад него останаа значајни филмски остварувања и многу награди и признанија. Неговиот син Симеон Мони Дамевски тргна по неговите стапки и е познат актер и продуцент.
Б.Н.

