Во Виена синоќа се одржа првото полуфинале на музичкиот натпревар Евровизија 2026, по кое беа познати првите десет финалисти што ќе настапат во големото финале на 16 мај.
Пласман во финалето обезбедија Хрватска, Финска, Грција, Израел, Литванија, Молдавија, Полска, Србија, Шведска и Белгија. Со своите настапи тие успеаја да ја освојат публиката и да добијат доволно гласови за продолжување во завршната вечер на натпреварот.
Од друга страна, Естонија, Грузија, Црна Гора, Португалија и Сан Марино не успеаја да се пласираат понатаму и го завршија своето учество уште во полуфиналната фаза.
Годинешното издание на Евровизија се одржува во австриската престолнина Виена, а организаторите најавуваат спектакуларно финале со настапи од фаворитите и голем интерес од европската публика.
Второто полуфинале е закажано за 14 мај, кога ќе бидат избрани и преостанатите финалисти што ќе се борат за победа на најголемиот европски музички натпревар.
Македонија не учествува на Евровизија четврта година по ред.
Б.Н.

