Владата подготвува нови ограничувања за приредувачите на игри на среќа, со кои казината ќе мора да бидат оддалечени најмалку 500 метри од основните и средните училишта. Обложувалниците во радиус до 500 метри од училиштатат нема да смеат да поставуваат опрема за електронски игри на среќа. Предлог-измените во Законот за игри на среќа повторно ја отворија дебатата за влијанието на коцкањето врз младите и за присуството на вакви објекти во непосредна близина на образовните институции.
Според најавите, мерката има цел да ја намали достапноста на игрите на среќа за малолетниците и да воведе построги услови за работа на приредувачите. Дел од постојните обложувалници и казина, особено во урбаните средини, би можеле да се соочат со обврска за дислокација или затворање доколку не ги исполнуваат новите критериуми.
Од индустријата предупредуваат дека примената на ваквите правила ќе има сериозни финансиски последици и дека многу компании ќе мора да инвестираат во нови локации. Сепак, поддржувачите на измените сметаат дека јавниот интерес и заштитата на младите треба да имаат предност пред профитот.
Темата за ограничување на коцкарските објекти со години е актуелна во јавноста, особено поради зголемениот број на казина во близина на училишта, населби и фреквентни пешачки зони. Граѓански организации и дел од родителите подолго време бараат построга регулација, оценувајќи дека агресивната достапност на игрите на среќа негативно влијае врз младата популација.
Доколку законските измени бидат усвоени, институциите ќе треба да утврдат како точно ќе се мери растојанието и во кој рок постојните објекти ќе треба да се усогласат со новите правила. Очекувањата се дека дебатата околу законот ќе продолжи и во наредниот период, со поделени ставови меѓу јавноста, индустријата и политичките чинители.
Деск
Previous ArticleЕВРОПА ГЛАСАШЕ: ПОЗНАТИ ПРВИТЕ ФИНАЛИСТИ НА ЕВРОСОНГ

