Пеце Атанасовски (1925-1996), е човекот кој беше сметан за најпознат македонски гајдаџија, инструменталист и играорец, како и еден од најплодните собирачи на македонски народни песни и ора. Тој беше носител на 19 меѓународни награди на светските фестивали во Ланголен, Англија, Брно, Чешка и други, а во конкуренција на 1.800 гајдаџии од целиот свет, тој го освоил првото место и наградата „Златна гајда“ на фестивалот во Ериче, Италија во 1968 година. Во знакот на голем јубилеј – 100 години од раѓањето и 30 години од смртта на Пеце Атанасовски, се одржа Фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“.
Во Долнени и Прилеп заврши 52. издание на Фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“, манифестација која веќе повеќе од пет децении го негува и промовира македонскиот изворен мелос, во чест на еден од најзначајните македонски фолклористи и гајдаџии – Пеце Атанасовски.
Фестивалот, кој годинава обедини околу 250 изведувачи од сите краишта на Македонија и од дијаспората, повторно ја потврди својата улога како клучна сцена за зачувување на традиционалната музика, ора и носии.
Гран при наградата ја освои Фолклорниот ансамбл „Седенка“ од Скопје, додека признанието „Гајдата на Пеце“ за најдобар гајдаџија му припадна на Дејан Лазаров од Фолклорниот ансамбл „Осоговски извор“ од село Оризари, Кочанско.
Одлуките ги донесе стручно жири во состав: професор д-р Родна Величковска, професор д-р Горанчо Ангелов и доцент д-р Стојанче Костов, кое додели и статуетки за најуспешните учесници, оценувајќи ги нивните изведби, автентичноста на мелосот и традиционалната носија.
Добитникот на наградата „Гајдата на Пеце“, Дејан Лазаров, истакна дека ова признание претставува потврда за неговата долгогодишна работа и љубов кон гајдата, инструмент кој го поврзува со семејната и регионалната традиција.
– Гајдата ме привлече со својот звук уште од мали нозе. Оваа награда е голема чест и обврска да продолжам да ја негувам традицијата, изјави Лазаров.
Уметничкиот директор на фестивалот, професор д-р Родна Величковска, нагласи дека особено радува присуството на голем број млади изведувачи, кои успешно ја пренесуваат традицијата на новите генерации.
Претседателот на фестивалот, Горан Василески, посочи дека манифестацијата останува доследна на својата мисија – зачувување и промоција на автентичниот македонски фолклор, со посебен акцент на едукацијата на младите преку работилници и настапи.
Атанасовски е еден од најзначајните македонски музичари, фолклористи и собирачи на народни песни, кој остави огромен белег во зачувувањето и промоцијата на македонското културно наследство низ целиот свет. Во 2022 година, постхумно му е доделен Орден за заслуги за Македонија.
В.К.

