Четворица турски државјани се приведени по инцидент во Скопје, во кој физички бил нападнат млад доставувач, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Настанот се случил во неделата во вечерните часови, околу 19:55, по претходна расправија во сообраќајот. Според пријавеното, осомничените, кои се движеле со патничко возило „ауди“, најпрво удриле во мотоциклот управуван од 20-годишниот доставувач од Скопје, а потоа физички го нападнале.
Повредениот во моментот бил на работна задача, што дополнително ја вознемири јавноста и отвори реакции за безбедноста на доставувачите во градот.
Полицијата реагирала брзо и во раните утрински часови следниот ден ги лишила од слобода О.А. (21), А.Ф.Е. (21), Т.А.Б. (22) и А.И.О. (24), сите државјани на Турција. Против нив е поднесена соодветна кривична пријава, а според неофицијални информации, дел од нив веќе се изведени пред судија на претходна постапка.
Од МВР велат дека се преземаат дополнителни мерки за целосно расчистување на случајот.
Инцидентот повторно го актуелизира прашањето за сообраќајната култура и насилството на улиците, особено кога станува збор за лица кои секојдневно работат во ризични услови.
Деск
Previous ArticleТЕШКО ПОВРЕДЕН ТРАКТОРИСТ ОД ВАТАША, СЕ ПРЕВРТЕЛ СО ТРАКТОРОТ

