Министерството за внатрешни работи ќе го раскине договорот со една од двете фирми избрани за набавка на униформи за полициските специјални единици. Одлуката ја соопшти министерот Панче Тошковски во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, по засилените реакции во јавноста и обвинувањата од опозицијата за спорноста на тендерската постапка.
Според Тошковски, иако постапката била спроведена согласно законските процедури, сепак ќе се пристапи кон раскинување на договорот со една од компаниите, со цел да се отстранат сите сомнежи и да се зачува довербата во институцијата.
Тендерот за набавка на униформи, вреден неколку милиони евра, во изминатиот период предизвика силни реакции, откако дел од јавноста и политичките партии посочија дека меѓу избраните фирми има компании со ограничено искуство и капацитет. Особено внимание привлече фактот што една од компаниите била основана непосредно пред објавувањето на тендерот.
Министерот претходно изјави дека станува збор за рамковна спогодба, а не за еднократна исплата, како и дека постапката поминала контрола од надлежните институции без утврдени неправилности. Сепак, призна дека во тендерската документација можеби недостасувале доволно прецизни критериуми.
-Колку што јас знам, едната компанија ја добила маскирната униформа, другата компанија ја добила да ја произведе еднобојната униформа за специјалците. Маскирната го доставила потребниот квалитет што треба да го има и таа е испорачана. Еднобојната, согласно компанијата којашто прави квалитет на униформите, утврдила дека го нема потребниот квалитет на испорачаните примероци кои биле доставени до Министерството.
Компанијата се жалела дека не е точно оти квалитетот не е како што треба, побарала супервештачење да се направи на примероците на квалитетот. Тие биле однесени во странска компанија за анализа на примероци на квалитет. Странската компанија нѐ известила дека не е соодветен квалитетот којшто требало да биде и следните чекори коишто ќе следат се раскинување на договорот и активирање на банкарска гаранција којашто ја имаме. Така што, многу ми е жал, пак ќе кажам, што не успеавме за овие година и пол, веќе две години, да набавиме униформи за сите полициски службеници. Искрено ми е многу жал зашто тоа е факт, кажа министерот.
Инаку, од опозицијата побараа целосно поништување на постапката и отворање истрага за можни злоупотреби, додека од МВР најавуваат дека ќе се работи на нов, појасно дефиниран процес за набавка.
Во меѓувреме, Тошковски најави и нова, поширока набавка на униформи која ќе ги опфати сите полициски службеници во државата, со цел подобрување на условите за работа и стандардизација на опремата во полицијата.
Деск

