На граничниот премин Евзони од грчка страна се поставени нови летниковци и клупи со сенка, со цел да се подобрат условите за патниците и туристите кои во летниот период често чекаат подолги редици за влез во Грција.
Новите содржини овозможуваат одмор и засолниште од високите температури, особено во деновите кога се бележи зголемен туристички проток кон грчките летувалишта. Патниците ќе можат да ја искористат сенката и поставените клупи додека го чекаат завршувањето на граничните процедури.
Еден од факторите за зголемените задржувања на преминот е и воведувањето на новиот европски Entry/Exit System (EES), кој претставува електронска регистрација на влезот и излезот на државјани кои не се членки на Европската Унија.
Системот предвидува подетални безбедносни проверки и дигитална евиденција на патниците, што веќе во неколку наврати предизвика забавување на протокот на граничните премини кон Грција, особено во шпицот на туристичката сезона.
Со новите инфраструктурни мерки, грчките власти се надеваат дека барем делумно ќе се олесни чекањето и ќе се зголеми комфорот на патниците кои секојдневно транзитираат преку овој фреквентен премин.
В.К.

