Првата атлетска трка „Промили“, која се одржа викендов во Неготино, донесе позитивна енергија, заедништво и силна порака за активен и здрав живот, а младите и волонтерите имаа значајна улога во нејзината успешна реализација.
Според Софија Иванова, лидер на Клубот на млади и волонтери при Црвен крст на Република Северна Македонија – Неготино, настанот не бил само спортска активност, туку доживување што ќе се памети.
„Од раните утрински часови низ градот се чувствуваше поинаква атмосфера – насмевки, музика, тркачи полни со адреналин и волонтери кои со цело срце беа дел од настанот. Сите функциониравме како едно“, истакна Иванова.
Таа посочи дека околу десетина волонтери биле распоредени на различни позиции, каде активно помагале – од поддршка на тркачите до логистичка организација на стартот и финишот.
Иванова посебно го истакна придонесот на Александар Митревски, иницијатор и организатор на трката, нагласувајќи дека неговата посветеност, енергија и постојана комуникација со тимот биле клучни за успехот на настанот.
„Токму неговата смиреност и желба оваа трка да успее нè мотивираа и нас како волонтери да го дадеме максимумот. Но, ова е резултат на заедничка работа – вакви настани ги создава заедницата“, додаде таа.
Како што потенцираше Иванова, волонтерите работеле со искрена желба, а поддршката од тркачите, кои и покрај заморот одвојувале време да се заблагодарат, претставувала дополнителна мотивација.
Еден од најемоционалните моменти, според неа, бил на финишот, каде волонтерите ги доделувале медалите.
„Да гледаш луѓе како ја поминуваат целта изморени, но горди и насмеани – тоа е чувство што останува засекогаш“, рече Иванова.
По завршувањето на трката, учесниците, волонтерите и организаторите заеднички го заокружиле денот, споделувајќи впечатоци и задоволство од успешно реализираниот настан.
Иванова нагласи дека на Неготино му се потребни повеќе вакви настани кои ја обединуваат заедницата и внесуваат живот во градот, потенцирајќи дека младите се подготвени да дадат поддршка за секоја иницијатива што носи позитивни промени.
„Ова не треба да остане само уште еден настан, туку да биде почеток на нова приказна за Неготино, во која младите и волонтерите ќе бидат движечка сила“, порача Иванова.
Првата трка „Промили“ покажа дека со добра организација, ентузијазам и заедничка волја, дури и помалите градови можат да создадат настани што оставаат траен впечаток и ја зајакнуваат заедницата.
В.К.
ВОЛОНТЕРСКАТА ЕНЕРГИЈА ЗАД УСПЕХОТ НА „ПРОМИЛИ“: МЛАДИТЕ ОД ЦРВЕНИОТ КРСТ НЕГОТИНО СО КЛУЧНА УЛОГА ВО ПРВАТА АТЛЕТСКА ТРКА ВО ГРАДОТ
2 Mins Read
Previous ArticleАРЕА СО ГОЛЕМ СЛИСТИЧКИ КОНЦЕРТ ВО АНТИЧКИ ТЕАТАР ОХРИД

