Грчката полиција спроведе голема акција на островот Крит, при што уапси 20 лица осомничени за организирана измама со земјоделски субвенции од Европската Унија, пренесе Екатимерини.
Според информациите од истрагата, осомничените користеле лажни документи, фиктивни договори за закуп на земјиште и неточни декларации за да добијат финансиска поддршка која не им следувала. Станува збор за добро организирана мрежа која дејствувала подолг временски период.
Акцијата била реализирана во неколку региони на Крит, вклучувајќи ги Ретимно, Хераклион и Ласити, а меѓу приведените има и лица кои работеле во служби поврзани со обработка на земјоделски апликации, што дополнително ја олеснувало злоупотребата.
Според првичните проценки, со оваа шема биле извлечени над три милиони евра од европските фондови, додека истрагата продолжува и за други лица кои се поврзуваат со случајот.
Случајот предизвика сериозни реакции во грчката јавност, со повици за построга контрола и транспарентност во распределбата на европските средства, со цел да се спречат вакви злоупотреби во иднина.
Деск

