Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Договорот за стратешка соработка со Република Хрватска претставува значаен чекор во унапредување на билатералните односи и отворање ново поглавје на долгорочно партнерство меѓу двете држави.
Изјавата Мицкоски ја даде по повод потпишувањето на договорот за време на официјалната посета на претседателот на Владата на Република Хрватска, Андреј Пленковиќ, во рамки на која двете делегации ја потврдија заедничката определба за продлабочување на соработката.
Како што посочи Христијан Мицкоски, со договорот се отвора простор за засилена соработка во повеќе клучни области, меѓу кои енергетиката, инфраструктурата, дигиталната трансформација, образованието, безбедноста и европските интеграции.
-Хрватска е земја која успешно го помина патот од кандидат до полноправна членка на Европската Унија, иако тој пат почнавме заедно да го одиме. Токму затоа, хрватското искуство има особена тежина и значење за нас.
За нас европската интеграција не е само надворешно политичка цел. Тоа е процес на институционално созревање, владеење на правото, економски развој, модернизација и создавање подобри услови за живот за нашите граѓани.
Затоа ја цениме поддршката што Хрватска континуирано ѝ ја дава на нашата европска перспектива. Нашиот пат кон ЕУ за жал е исполнет со непринципиелни блокади поради што се доведува во прашање интегритетот на самиот процес, но сакаме да веруваме во Европа на вредности, Европа на принципи, Европа која препознава реформи, посветеност и резултати, кажа Мицкоски.
Тој нагласи дека ваквите партнерства имаат суштинско значење за стабилноста и економскиот развој на државата, како и за зајакнување на регионалната соработка и европската перспектива на Северна Македонија.
Во рамки на посетата беше оценето дека стратешкото партнерство претставува основа за понатамошно унапредување на политичките и економските односи меѓу Скопје и Загреб.
Деск
МИЦКОСКИ: НАШИОТ ЕУ ПАТ СО ХРВАТСКА ПОЧНА ВО ИСТО ВРЕМЕ, ЗАТОА НИВНОТО ИСКУСТВО ИМА ОСОБЕНА ТЕЖИНА ЗА НАС
2 Mins Read

