Легендарната хрватска пејачка Тереза Кесовија ќе одржи два концерти во Дубровник, откако интересот за првично најавениот настап ги надмина сите очекувања, а билетите беа распродадени за три минути.
Наместо еден, публиката ќе има можност да присуствува на два последователни концерти, закажани за 13 и 14 јуни во Кнежев двор – култна локација каде што започнала нејзината богата музичка кариера. Токму на ова место, далечната 1958 година, Кесовија го имала својот прв настап.
Организаторите информираат дека вториот концерт е додаден поради огромната побарувачка за билети, а интересот не стивнува и покрај ограничениот капацитет на просторот. Се очекува двата концерти да бидат распродадени во рекордно време.
Овие настапи се дел од прошталната турнеја на Кесовија, со која таа се збогува со сцената по повеќедецениска успешна кариера. Пејачката не крие дека токму концертите во Дубровник имаат посебно емотивно значење за неа, бидејќи таму започнала нејзината уметничка приказна.
За оние што нема да успеат да обезбедат билет, најавено е и јавно следење на концертите, што ќе овозможи пошироката публика да биде дел од ова значајно музичко збогување.
Деск
ЗА ТРИ МИНУТИ РАСПРОДАДЕНИ ВЛЕЗНИЦИТЕ ЗА КОНЦЕРТОТ ЗА ЗБОГУВАЊЕ НА ТЕРЕЗА КЕСОВИЈА ВО ДУБРОВНИК!
1 Min Read

