Поранешниот градоначалник на Струмица од редовите на СДСМ, Костадин Костадинов, ја поздрави оставката на претседателот на Општинската организација на СДСМ во Струмица, Марјан Даскаловски, оценувајќи дека со тој потег е направен „првиот, но важен чекор“ кон преземање одговорност за состојбите во партијата.
Во својата реакција, Костадинов истакна дека преземањето лична и политичка одговорност е неопходно за враќање на довербата кај членството и граѓаните. Според него, оставката претставува сигнал дека во партијата постои подготвеност за соочување со предизвиците и за отворање процес на промени.
-Ја поздравувам одлуката за избор на нов претседател на СДСМ Струмица. Речиси цела година упорно укажував на грешките и говорев за потребата од реформи. Оваа одлука е сигнал дека гласот на оние кои бараат промени конечно можеби се слуша. Бастионот на социјалдемократијата има шанса да се консолидира! Нема повеќе време за чекање и калкулации. Време за нова енергија на терен и враќање на довербата, но и со нова програма на реална основа, објави Костадинов на социјалните мрежи.
Тој нагласи дека ваквите потези не треба да останат изолиран случај, туку да бидат дел од поширок процес на анализа на причините за слабите резултати и за утврдување на одговорност на сите нивоа во организацијата.
Оставката доаѓа во период кога во редовите на СДСМ се водат дебати за потребата од реформи и кадровски промени по серијата изборни предизвици со кои се соочи партијата во изминатиот период.
Засега нема официјални информации кој ќе ја преземе функцијата претседател на Општинската организација во Струмица, ниту кога ќе биде избран нов раководен тим. Партиските органи во наредниот период се очекува да ги разгледаат следните чекори поврзани со реорганизацијата на локалната структура.
Деск
КОСТАДИНОВ: ГЛАСОТ НА ОНИЕ КОИ БАРААТ ПРОМЕНИ ВО СДСМ КОНЕЧНО МОЖЕБИ СЕ СЛУША!
2 Mins Read

