Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) изрече втора парична казна за Општина Гостивар поради неовластено заловување и дислокација на бездомни кучиња, без претходно одобрение од Агенцијата и од страна на неквалификувани лица.
По спроведен вонреден инспекциски надзор, согласно одредбите од Законот за заштита и благосостојба на животните, АХВ изрече парична казна во вкупен износ од 2.100 евра во денарска противвредност. Од оваа сума, 1.500 евра се на товар на Општина Гостивар, додека 600 евра се изречени на градоначалникот.
Покрај казната, Агенцијата донесе и ново решение за забрана на спроведување ваков тип активности. Ова решение следува по претходната забрана издадена во ноември 2025 година.
Од АХВ информираат дека во соработка со Министерството за внатрешни работи било утврдено дека возилото кое било користено за заловување и дислокација на бездомните кучиња е истото возило кое и претходно било користено за вакви недозволени активности, но овојпат со променета регистарска табличка.
Вонредниот инспекциски надзор бил спроведен по пријава од граѓани кои до Агенцијата доставиле фотографии и видео-докази за неовластено заловување и преместување на бездомни кучиња од страна на општинските служби.
Од Агенцијата за храна и ветеринарство најавуваат дека ќе продолжат со засилени инспекциски контроли за почитување на законските одредби кои се однесуваат на заловувањето и третманот на бездомните животни, со цел обезбедување на нивна заштита и благосостојба.
Деск
КОРИСТЕЛЕ ИСТО ВОЗИЛО СО ПРОМЕНЕТИ ТАБЛИЧКИ: ОПШТИНА ГОСТИВАР И ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КАЗНЕТИ ПОРАДИ НЕОВЛАСТЕНО ДИСЛОЦИРАЊЕ НА КУЧИЊА
2 Mins Read

